Олимписки зимски игри – Сочи 2014

Холандско чудо во спринтот на 500 метри

10.02.2014 18:21

Холанѓаните направија чудо и на 500 метри...

Покрај тоа што се најуспешната нација во брзо лизгање и доминантни на подолгите патеки, Холанѓаните направија чудо и на 500 метри. Во историјата на Олимпијадите портокаловите лизгачи имаат 89 медали, но досега во спринтот само едно сребро. Сензацијата е тројна затоа што Холанѓаните ги освоија сите одличја по двете суператрактивни трки во условно азиската дисциплина.

Мичел Мулдер на светската спринт титула го придодаде олимпиското злато со само една стотинка подобар вкупен резултат од сонародникот Јан Смикенс и 15 стоти делови од својот брат Роналд Мулдер. Без пиедестал останаа големите фаворити и медалисти од Ванкувер, Кореецот Мо и Јапонците Като и Нагашима.

По Лилехамер 1994-тата ова е прво злато за Европа којашто благодарение на Холанѓаните е супериорна во брзото лизгање во Сочи. Три дисциплини, сите шампиони и седум медали за преставниците на земјата на лалињата, Браќата Мулдер и Смикенс го повторија успехот на Крамер, Блокхуијсен и на Бергсма кои триумфираа на 5000 метри. Ова е осми случај во историјата лизгачи од една земја да ги приграбат одличјата во иста  дисциплина, третпат во креација на Холанѓаните.