„Травијата“ за старт на Мајските оперски вечери
Травијата од Верди во режија на Верена Штојбер од Германија, на 9-ти мај во Македонската опера и балет ги отвора 45-те Мајски оперски вечери. Ова е интернационален проект, Ана Дурловски настапува во насловната улога, диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, сценографијата и костимографијата се на Софија Шнајдер од Германија...

Операта „Травијата“ од Џузепе Верди, еден од темелите на светскиот оперски репертоар на 9-ти мај ги отвора 45-тите Мајски оперски вечери. Според режисерката Верена Штојбер од Германија, Верди на сцената не носи кралеви, кралици или херои, како што било практика на оперските композитори на времето, туку ги претставува нормалните луѓе.
„Дотолку повеќе, што Верди ставил во претставата високо класна проституција каде што главната улога е и проститутка и се обидува да ја покаже вистинската приказна и да влезе подлабоко во нејзе, прикажувајќи ги емоциите и различните карактери на сите улоги“, изјави режисерката, Верена Штојбер.
Оваа претстава изобилува со фантастични музички сегменти што имаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми низ светот. Ана Дурловски верува дека присутните за момент ќе се почувствуваат како во еден од високите класни оперски куќи во Германија.
Мајските оперски вечери ќе бидат исполнети со богата програма. Предвидени се и два рецитала и програма за најмладата публика.
По премиерата на отворањето на Мајските оперски вечери на 9-ти мај, „Травијата“ репризно ќе биде одиграна два дена потоа, на 11-ти мај.
Ана Јосифоска- Тодоровска
