И Португалија со своја „Фискална во рака- награди без мака“

10.02.2014 18:30

Од април со лотаријата „Среќна сметка“, ќе се намалуваат избегнувањето на даноците и активностите на црниот пазар, проценет на 25 проценти од бруто домашниот производ и ќе се полни буџетот...

И Португалија, се уште блокирана со строгите мерки за штедење, со своја наградна игра „Фискална во рака – награда без мака“. Од април со лотаријата „Среќна сметка“, ќе се намалуваат избегнувањето на даноците и активностите на црниот пазар, проценет на 25 проценти од бруто домашниот производ и ќе се полни буџетот. Државата ќе одржува неделни извлекувања за да ги охрабри потрошувачите да бараат фискални сметки.

Според правилата, сметките и фактурите може да бидат на која било сума, но мора да го содржат даночниот број на купувачот. Купувачите ќе добиваат купони за секоја сметка што ќе ја добијат, чијшто број ќе зависи од големината на сметката.

На пример, муштерија што ќе плати сметка во ресторан од 80 евра, ќе добие 8 купони кои сите ќе учествуваат во неделното извлекување на награди како автомобили или пари.

Владата се надева дека со лотаријата „Фактура де Сорте“ (Среќна сметка) да инкасира меѓу 600 и 800 милиони евра годишно, наградувајќи ги тие што ги следат фискалните правила. Од играта ќе бидат исклучени компаниите, а хонорарните работници ќе можат да учествуваат само со сметките направени надвор од нивните бизниси.