Реакции на малите партии за инцидентот во Собранието

28.04.2017 15:52

Осуда за насилството и повик за разумност од БЕСА. Коалициони партнери на СДСМ бараат мирен трансфер на власта. Демократскиот сојуз обвинува за дестабилизација на Македонија, од ГРОМ сметаат дека се извршени повеќе антидржавни дејствија...

Државните органи надлежни за обезбедување на јавниот ред и мир да застанат во одбрана на институциите и безбедноста на граѓаните, повикаа од движењето БЕСА. Го осудија инцидентот и ги повикаа сите страни да бидат разумни, бидејќи како што велат, една мала грешка денес, може скапо да не чини утре.

Осуда за инцидентот стигна и од останатите политички парии. ГРОМ смета дека вчера биле извршени повеќе антидржавни дејствија.

НСДП е на став дека процесот за трансфер на власта треба да продолжи, а учесниците во инцидентот кривично да одговараат. И  од Либерално демократската партија апелираат итно да се формира реформска Влада.

Демократскиот Сојуз смета дека станува збор за сценарио со кое, како што велат, се дестабилизира државата  и се суспендира системот за безбедност.

Од Либералната партија оценуваат дека влегувањето на сила во Собранието од демонстрантите имакарактер на, како што велат, вистински  насилен бунт против државата.

Според УНИТЕТИ, инцидентот не е начин за решавање на кризата. Побараа институциите да го стопираат насилството.

 

Анита Димитријевска