Политичките лидери со осуда за насилството, не отидоа на средба кај Иванов
Политичките лидери го осудија насилството во Собранието, но не отидоа на средба кај претседателот. Заев тврди- се работеше за обид за убиство со умисла. Груевски вели- никогаш не сум помислувал да дојдам или останам на власт со насилство. За Ахмети, Иванов е проблемот, а не негово решение...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски го осуди насилството и ги повика институциите да направат брза и ефикасна истрага и да се откријат виновниците. Побара да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани кои со денови мирно протестираа и кои не повредија никого, со оние кои го направија тоа. Груевски го осуди начинот на кој СДСМ и другите партии кои ги поддржуваат решија, како што истакна, да направат обид незаконски да изберат претседател на Парламентот, кршејќи ги сите демократски и законски процедури.
Никогаш не сум помислил ниту на власт да дојдам, ниту да останам со насилство и со физички повреди на други лица, ниту пак, поддржувам други да го прават тоа, како такви кои ме поддржуваат мене така и моите опоненти, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски најави дека ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе ги објави своите следни чекори, но, додаде дека партијата секогаш била и ќе остане на страната на народот, на Уставот и на националните и државните интереси.
Насилството врз легитимно избрани претставници на граѓаните е поттикнато од Груевски, Иванов, Вељаноски, Чавков и група нивни соработници, кои ги погодува трансферот на власта што носи правда и одговорност. Тие се подготвени за своите интереси да ги жртвуваат граѓанските и државните интереси, изјави лидерот на СДСМ Заев. Додаде дека не смее да се подлегне на провокациите кои имаат за цел поделба, раздор и изолација на Македонија.
Лидерот на ДУИ Ахмети повика на смиреност, бидејќи како што рече, станува збор за политички проблем што треба да го решат политичарите, а не граѓаните.Најави дека нема да оди на лидерската средба што ја иницираше претседателот Иванов.
Од ДУИ со апел-сите институции да реагираат превентивно, а не откако ќе се случат настаните.
Милчо Велески
