Нухиу се повлекува, МВР приведе 8 лица за вчерашниот инцидент

28.04.2017 16:27

Министерот за внатрешни работи, Нухиу најави повлекување од функцијата поради морална одговорност. Вели дека полицијата не си ја завршила работата. Ќе бара одговорност од раководители. МВР информира дека се приведени осуммина. Јавното обвинителство работи на расветлување на случувањата...

Чувствувам морална одговорност и ќе барам повлекување од функцијата, изјави министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Рече дека дел од структурите во полицијата не си ја завршиле работата. Ќе бара одговорност од раководни лица.

Нухиу информираше дека од денеска тој, а не директорот на Бирото за јавна безбедност, Чавков, раководи со Оперативниот штаб.

Полицијата соопшти дека привела 8- мина. Биле на распит. Утврдено е дека ескалацијата на настаните била околу 19 часот. Нападнати се пратеници, новинари и полицајци. Собранието е евакуирано час пед полноќ. Истрагата продолжува.

Од Јавното обвинителство информираат дека работат на расветлување на настаните и на утврдување на фактите во Законодавниот дом.

Се огласи и Народниот правобранител. Го осуди насилството врз пратениците и новинарските екипи и вели дека полицијата постапила непрофесионално и селективно.

 

Наташа Гркова- Петрушевска