Дипломатски реакции: Насилството е неприфатливо
„Насилството е неприфатливо, состојбата е загрижувачка“- ова се дипломатските реакции. Сите со повик за смиреност...

Турбулентната ситуација создадена вчера во Македонија, меѓу главните теми на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Малта. Оттаму високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини со осуда за инцидентите.
„Она што синоќа го видовме во Скопје е многу загрижувачко и многу тажно за сите нас. Секогаш сметаме дека насилството е неприфатливо, особено кога се случува во храмот на демократијата, односно Собранието. Ние веруваме дека сите во Скопје треба да ги следат уставните принципи, демократијата и да се обидат да ја извлечат земјата од оваа сериозна криза, која може да биде опасна“, изјави Федерика Могерини.
Могерини и Хан синоќа испратија пораки за смиреност во земјава. Го честитаа изборот на спикер во Собранието. Слична порака пристигна и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
Повик за смиреност пристигна и од тројката европратеници, Кукан, Вајгл и Фленкештајн кои побараа организаторите на инцидентите да бидат казнети.
„Ги повикуваме сите страни да се воздржат, да ги смират тензиите и да не употребуваат сила“, изјави генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.
Организацијата на Обединетите нации соопшти дека со исклучителна загриженост го следат развојот на ситуацијата во Македонија и воедно повикаа на мир и воздржаност. „Насилството насочено кон демократските институции и избраните претставници на народот е неприфатливо“. Се повикуваат сите политички сили, преку демократски средства, да ги разрешат меѓусебните несогласувања, согласно со Уставот.
Загриженост за состојбата во земјава на социјалните мрежи изрази и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Да се прифатат изборните резултати, да се спроведат, а одговорните во Скопје да се посветат кон Европа и делата“. Ова е пораката на германскиот министер за надворешни врачена во Берлин на амбасадорот на Република Македонија.
Владата мора да ги одржува и мирот и законот- вели германскиот шеф на дипломатијата во пишуваниот коментар за инцидентите.
Воздржување од сите страни и итно воспоставување на редот и мирот во земјата преку соопштение побараат и австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц и генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
Осуди за насилството и порака за загриженост пристигнаа и од регионот. Апелираат да се најде политичко решение за ситуацијата во земјава.
Од руското МНР повикаа да биде прекинат надворешниот притисок врз Македонија и да им се овозможи на одговорните политички сили во земјата сами да го определат натамошниот развој.
Катерина Топалова
