Хојт Ји: Лидерите да стават крај на кризата
Дебатата меѓу политичките партии за надминување на разликите треба да се води во Собранието, порача заменик помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји. По средбите со политичките лидери Ји потенцираше дека САД и натаму останува стратешки партнер на земјава со цел побрза интеграција во НАТО и во Европската унија, но неопходно е формирање нова влада која ќе биде посветена на спроведување на реформите.
„Важно е лидерите да најдат начин да му дозволат на мнозинството во Собранието да состави влада и владина програма. Ако има некои сомнежи и грижи во однос на владината програма, за тоа треба да се дебатира во Собранието, а не надвор од него“- изјави по разговорите со политичките претставници помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји. Вели- сите ме уверија дека се за мирен трансфер на власта преку почитување на Уставот и унитарноста на земјата.
„Многу е важно политичките лидери на оваа земја да го најдат излезот од кризата. Многу е важно лидерите да најдат начин да му дозволат на мнозинството во Собранието да состави влада и владина програма. Ако има некои грижи во однос на владината програма, за тоа треба да се дебатира во Собранието, а не надвор од него. За земјата, за политичките партии, за граѓанското општество многу е важно да се основа новата влада која ќе работи на реформите и ќе ја донесе оваа земја поблиску до процесот на евроинтеграциите“, нагласи Ји.
Претседателот Иванов, на средбата со Хојт Ји, рекол дека ќе бара гаранции од Зоран Заев за зачувување на унитарноста на државата за да му го даде мандатот - пишува во соопштението од Вила Водно. Шефот на државата истакнал дека преку дијалог мора да се бараат решенијата, а преседаните со кои се воведува практика и нелегалното станува легално ги поткопува демократските принципи. „Платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање влада во Република Македонија“, констатирал македонскиот претседател и побарал од САД, како стратешки партнер на земјава, да помогне да се отстранат пречките за доделување на мандатот.
Талат Џафери по средбата со Хојт Ји рече изјави дека Собранието треба што поскоро да се врати во функција. Дадов уверување дека ќе бидам претседател на сите пратеници без оглед дали гласале за мене и без оглед каква е нивната политичка припадност, вели тој.
„Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање влада во чија програма се гарантира унитарност на државата, почитување на Уставот, евро-атлански перспективи на Македонија“ - се вели во соопштението на Социјал- демократите по средбата со американскиот дипломат. Социјадлемкратите најавиле дека изборот на новиот претседател ќе пристапат кон формирање на новата реформска влада.
На средбата меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Хојт Ји, било истакнато дека политичкото насилство врз Уставот, законите и деловникот од страна на, како што велат СДС, предизвикало гнев, а дополнителна провокација било и интонирањето на албанска химна во македонското Собрание. „Сето тоа заврши со нелегален обид за избор на претседател на Собранието надвор од сите процедури“, велат од партијата и соопштиле дека не се согласуват со наметнување на Тиранската платформа која има многу спорни и контраверзни делови опасни за понатамошното функционирање на државата. Повториле дека најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори.
Миле Ристески
