Грција и кредиторите постигнаа договор

02.05.2017 14:12

Последната рунда на разговори меѓу грчките власти, меѓународните кредитори и Меѓународниот монетарен фонд траеше околу 12 часа и заврши рано изутринава

Грција постигна договор со меѓународните кредитори за нов пакет на мерки за штедење, во замена за добивање на следната транша финансиска помош. Договорот опфаќа зголемување на даноците, намалување на пензиите како и  реформи на пазарот на трудот и енергетиката.

Последната рунда на разговори меѓу грчките власти, меѓународните кредитори и Меѓународниот монетарен фонд траеше околу 12 часа и заврши рано изутринава.

Имаше взаемни компромиси. Задоволни сме со некои работи, но не толку задоволни со други, изјави грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос по постигнувањето на договорот.

Новиот договор предизвика големо незадоволство меѓу грчките граѓани, што укажува на тоа дека имплементацијата на новите мерки нема да оди лесно.

Во првичните реакции на интервјуираните граѓани и оние на социјалните мрежи доминира незадоволството.

Сѐ е ова дел од новиот план слабите и сиромашните да се направат посиромашни, а богатите да го владеат светот, пишува еден граѓанин на Фејсбук.

Доста ни беше од Марксистите, напиша друг.

Ова се наши пари. Работевме 40 години и за жал сега ни ги одземаат и немаме доволно ни за живот. Срамно е што достигнаа едно  ниво во чии рамки ги експлоатираат луѓето што се во последните фази од својот живот. Ова е навистина ужасно“, изјави Андреас Дрималас, пензионер.

Многу сме вознемирени, толку можам да кажам“, изјави Адамантиа Дрималас- пензионерка.

Даноците растат, расте и невработеноста, ова требаше да заврши пред година ипол. Мислам дека не се справуваат најдобро“, вели Џорџ Баберис, вработен во банка.

Не сфаќам што сакаат кредиторите? Тие ги сакаат назад парите што сме ги позајмиле, но како да си ги добијат парите назад ако нема пораст на економијата и ако луѓето не можат да работат во Грција? Искрено не разбирам која е нивната цел“, вели Димитра- пензионерка.

Освен со незадоволството од граѓаните, грчката влада предводена од Алексис Ципрас се соочува и со критики од страна на најголемата опозициска партија Нова Демократија од каде што најавија дека ќе сторат се што е потребно за мерките да не поминат во Парламентот.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ