Холанѓаните ја отворија туристичката сезона во Охрид
На аеродромот „Свети Апостол Павле“ пристигна првата група туристи во организација на холандскиот тур-оператор „Корендон“. Со авиокомпанијата на овој тур- оператор и на „Туи“ оваа сезона на Охридско- струшкото крајбрежје се очекува да допатуваат над 28.000 холандски туристи.

Со воден мост, традиционална закуска и разнобојни колачиња на охридскиот аеродром беа дочекани 180 туристи од Холандија, кои допатуваа со првиот чартер лет на авиокомпанијата „Корендон“. Дел од гостите веќе биле во Македонија и повторно се враќаат поради гостопримството, добрата храна, климата, прекрасната природа и богатото културно-историско наследство.
„Трет пат доаѓам во Охрид бидеќи е прекрасен. Ми се допаѓа природата и храната“.
„Доаѓам втор пат во Македонија. Првиот пат бев во Скопје, мојот најдобар пријател се ожени со девојка од Македонија. Ја сакам земјата, а и цените се ниски“- велат туристите.
Во текот на летната сезона на охридскиот аеродром се очекуваат 183 лета со скоро 30 илјади туристи од Амстердам, кои ќе дојдат преку тур-операторите „Корендон“ и „ТУИ“.
„Оваа година букирањата и интересот за Македонија навистина е зголемен и очекуваме дека доколку се се одвива онака како што треба, доколку имаме стабилна ситуација во земјата, да имаме некаде 20% повеќе туристи дојдени преку туроператорот „Корендон“ и ленд-операторот Фибула“, вели Асим Меѓедовиќ, менаџер „Фибула травел“.
„Очекуваме да придонесеме во економскиот развој на Охрид од економски аспект, со тоа што ќе привлечеме што е можно поголем број туристи, на што нашата маркетинг служба работеше напорно“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ-Македонија.
„Според најавите на сите релевантни структури во туризмот од Македонија за очекување е бројот на гости кои ќе слетуваат на охридскиот аеродром од земјите како Холандија, Белгија, Англија, Швајцарија, Полска, Израел и други дестинации оваа година ќе биде значително поголем во однос на минатата година“, изјави охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.
Туристичките работници очекуваат што поскоро да се надмине политичката криза во земјата бидеќи како што велат, има загриженост кај холандските туроператори, но досега нема никаква преорака да не се патува во Македонија.
Сашо Нелоски
