Ердоган: Референдум за членството во ЕУ

02.05.2017 14:50

У неодамна порача дека Турција мора да упати појасни сигнали за тоа дали има намера да ги исполни критериумите на Унијата за човековите права и владеењето на законот.

Турскиот претседател Ердоган изјави дека неговата земја на референдум ќе решава за членството во ЕУ. Тој ја обвини Унијата дека не е искрена ниту чесна, и дека ја држи Турција да чека пред нејзината врата. Односите меѓу Анкара и земјите членки се влошија во очи референдумот за уставните реформи со кои се проширија овластувањата на претседателот. ЕУ неодамна порача дека Турција мора да упати појасни сигнали за тоа дали има намера да ги исполни критериумите на Унијата за човековите права и владеењето на законот.

Еврокомесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан изјави дека Турција под лидерство на претседателот Ердоган, барем засега му го завртела грбот на процесот за членство во ЕУ. Рече дека фокусот во односите меѓу Брисел и Анкара треба да биде нешто друго, додавајќи дека мора да се разгледа што може да се направи во иднина и дали постои можност за обновување на било каква соработка.

Инаку Ердоган денеска повторно, по три години, ќе и се придружи на владејачката партија на правдата и развојот. Тој минатиот месец со тесна предност победи на референдумот за уставни реформи.

Според стариот систем, шефот на државата мораше да ја напушти партијата, поради што Ердоган си замина од лидерското место на АКП кога стана претседател на Турција во 2014-та година. Клучната измена сега се однесува на фактот дека претседателот може да биде и член на политичка партија, што на Ердоган му овозможи да се врати во АКП.

Марина Автовска