Хан: Препораката може да биде загрозена ако се повторат насилствата

02.05.2017 15:31

Во интервју за австрискиот весник „Стандард“, еврокомесарот Хан вели дека случувањата во Собранието на земјава нема да имаат последици во однос на можноста за почеток на преговорите со Европската унија, но предупредува дека препораката може да биде загрозена ако се повторат насилствата.

Еврокомесарот Јоханес Хан повторно се огласи за ситуацијата во нашата земја. Во интервју за австрискиот весник „Стандард“, тој вели дека случувањата во Собранието на земјава нема да имаат последици во однос на можноста за почеток на преговорите со Европската унија, но предупредува дека препораката може да биде загрозена ако се повторат насилствата.

„Со години постои јасна препорака од Комисијата дека треба да започнат преговорите со земјата. Но, тоа не се случи поради ветото од една, две земји членки на ЕУ, Грција и Бугарија. Македонија пред десет години беше земја за пример во регионот, но во меѓувреме се лизна. Веќе две и пол години вложуваме многу напори земјата да ја вратиме на европскиот пат. Тоа се постигна со изборите, но не и со формирањето на влада, која е блокирана бидејќи парламентарното мнозинство не е признаено од партијата која е повеќе години на власт“- вели меѓу другото комесарот Хан и посочува дека демократијата значи промена.