Речиси 100 илјади луѓе се болни од астма
Во Македонија има меѓу 80 и 100 илјади луѓе со астма, хронична опструктивна болест на дишните патишта. Се зголемува бројот на новодијагностицирани. Сепак, од Клиниката за пулмологија велат дека пациентите имаат можност за навремена дијагноза и пристап до најсовремена терапија. 2-ри мај е Светскиот ден за борба против астмата. Одбележан е под мотото „Подобар воздух за подобро дишење“.

Сѐ побројни се пациентите кај кои се дијагностицира астма- велат пулмолозите. Точните причини докрај не се разјаснети, влијае генетската предиспозија, но и загадениот воздух, особено во урбаните средини.
„Ми пречи магла кога има инаку немам други алергии. Маглата ми предизвикува потешкотии во дишењето.“
„Ми предизвикува кашлање, поткашлување и поголем замор.“
„Зимно време, кога има магла тогаш имам најмногу проблеми со дишењето“- велат пациентите.
Од 80 до 100 илајди граѓани во земјава боледуваат од астма. Само годинава ова заболување за прв пат е откриено кај 1.520 луѓе. Сепак, се намалува бројот на тешко болни пациенти, како резултат на современта терапија.
„Бројот на хоспитални болни во изминативе 5-6 години стагнира. Терапијата која нашите пациенти ја примаат, а се користи и во развиените земји, вродува со плод“, изјави проф. д-р Бисерка Ќаева, директор на Клиниката за пулмологија.
Астмата е хронично респираторно заболување, кое се карактеризира со сува кашлица, отежнато дишење, свирење во градите. Пациентите мора да се придржаат до терапијата препишана од лекарите – советуваат пулмолозите.
„Пациентите за да имаат ефект од терапијата, мора редовно да ги земаат лековите, да не ги прекинуваат на своја рака, како што често се случува кога ќе се почувствуваат подобро, бидејќи таквите прекини доведуваат до повторно блошување на состојбата на пациентот“, вели проф. д-р Горица Брешковска, Клиника за пулмологија.
Според доктор Докиќ, астмата има и подвид кој е резистентен на лекови. Најголем број на хоспитализираните пациенти отпаѓаат на овие тешки форми кои немаат ништо заедничко со алергија или други болести.
„Затоа е важно да се откријат подваријантите на болеста, да се открие механизмот на кој што секој од овие болести настанува за да имаме поединечен индивидуален пристап во лекувањето“, вели проф. д-р Дејан Докиќ, Клиника за пулмологија.
Во светот повеќе од 330 милени луѓе боледуваат од астма. Се очекува бројот да се зголеми за уште 100 милиони до 2025-та година.
Андријана Атанасовска
