Пратениците во Собранието, седница нема
Немаше седница, но за пратениците е работен ден. Народните избраници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на средба во Кабинетот на претседателот на Собранието, порачаа дека обидот за избор на спикер е нелегитимен. СДСМ, пак, смета дека тој е законски избран и бараат Трајко Вељаноски да му ја отстапи просторијата. Џафери со допис до Генералниот секретар бара да му се овозможат услови за работа.

Народните избраници беа на работа, но, седница немаше. ВМРО-ДПМНЕ беа во Кабинетот на претседателот на Собранието. Ги реафирмираат позициите меѓу која е и дека обидот за избор на претседател на Собранието со кршење на деловникот и законите е нелегален и ниеден политички притисок тоа не може да го покрие.
Велат дека против пратениците Ферид Мухиќ и Горан Мисовски, кои, според нив, преземале неделовнички дејствија и предизвикале политичко насилство, ќе поднесат кривични пријави до надлежните институции.
Социјал- демократите сметаат дека Вељаноски е должен да овозможи новиот собраниски претседател да влезе во својот кабинет и да продолжат демократските процеси. Во партиското соопштение стои „избран е нов претседател на Собранието на законски и легитимен начин. Собраниското мнозинство има одговорност да ја формира новата реформска влада, а на Иванов ќе му предочиме дека во владината програма се гарантира унитарност на земјата.
ДУИ информира дека Талат Џафери испратил допис до Генералниот секретар на Собранието за да му се овозможи непречен влез во претседателскиот кабинет за да започне да ги извршува своите обврски.
Во меѓувреме, во Собранието се санираат штетите од случувањата на 27-ми април. Се оспособуваат сите простории за нормално функционирање.
Миле Ристески
