Франција в недела гласа за претседател на земјата

02.05.2017 16:21

Франција в недела гласа за претседател на земјата. Изборот е меѓу Ле Пен и Макрон, двајцата кандидати кои минаа во вториот круг. Утревечер е и директната дебата.

Кандидатката на крајно десничарскиот Националниот фронт на својот последен голем митинг во Вилпант, пред вториот круг од претседателските избори, беше поддржана од својот нов сојузник, Никола Дипон Ењан. Двајцата не го криеја задоволството, посебно Ле Пен, која за прв пат во историјата на нејзината партија има предизборен сојузник со кој настапуваат заедно и кој се претставува како следбеник на генералот Де Гол. Зајадливите велат, дека Дипон Ењан се согласил за поддршка на Ле Пен, не само покрај бликоста на програмите, туку и заради потребата да ја наполни неговата каса, со оглед дека неуспеа да добие 5 отсто од гласовите во првиот круг, кои носеа 8 милиони евра, а тој со 4,7 доби само 800.000 евра за трошоците за кампањата.

Марин Ле Пен, сака да ги убеди своите и самата себе си, дека сѐ уште изборите не се изгубени. Таа сака да биде изненадување на изборите и покрај тоа што анкетите го даваат Емануел Макрон како победник на 7-ми мај, со удобна предност од 16-22 поени. Затоа таа го нападна Макрон на слабата точка, дека тој ги претставува банките и финансиите.

„Макрон го усвои како слоган, Заедно Франција, ќе беше поедноствано да рече- Заедно финансиите“- рече Ле Пен.

Исто така на митинг во Париз, Макрон ги засили нападите на Националниот Фронт, осудувајќи го проектот на Ле Пен, кој значи „затворање, протекционизам, изолационизам, национализам“. „Тоа доведува до едно нешто: економска војна, беда и накратко - војна“, продолжи тој, пред речиси 10.000 луѓе.

„Г-ѓата Ле Пен рече- Или напред или умрете. Таа има право- Напред сме ниеДенес, битката е онаа меѓу два проекти избрани од страна на французите“- нагласи Макрон.

Утревечер за прв пат двајцата кандидати ќе имаат можност директно да дебатираат во телевизискиот дуел, прв од ваков вид во Франција, со оглед дека во 2002-ра Жак Ширак одби да дебатира со кандиатот на крајната десница. Макрон може само да го прифати овај дуел со голема недоверба и претпазливост, бидејќи на сите им е познато дека Марин Ле Пен е многу вешта во вакви телевизиски дуели.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ