Венизелос доаѓа следната недела

11.02.2014 10:08

Од 18 – ти до 21 –ви февруари, шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос ја почнува тридневната балканска турнеја во рамките на која ќе ја посети и Македонија.

Посетата на грчкиот шеф на дипломатијата е во својство на претставник на земјата-актуелен претседавач со Унијата. Грчките медиуми јавуваат дека ова е  прва посета на висок претставник на грчката Влада на земјава по подолг период.

„Етнос“ пишува дека “ова е првпат Венизелос да го посети Скопје како министер за надворешни работи” и додава дека „покрај европската перспектива на соседната земја, очигледно е дека разговорите ќе бидат фокусирани и на горливото прашање за името“.

 „Катимерини“ пак  во написот нагласува дека „тој брза да го убеди Балканот дека и покрај економската криза, изгледите за проширување се сè уште живи иако ова прашање не е меѓу приоритетите на грчкото претседателство“.

Македонско-грчките политички односи подолго време се замрзнати и се сведуваат на кратки билатерални средби на маргините на меѓународните состаноци. Грција неколкупати во овој период официјално ја посетија министри од ДУИ, како и лидерот на оваа партија Али Ахмети. Атина се уште не се изјаснила за актуелната покана на премиерот Никола Груевски за средба со Андонис Самарас.

Лидија Чакар