В петок во Битола стартува 19-тиот Фестивал на монодрамата
19-тото издание на интернационалниот фестивал на најтешкиот театарски жанр, монодрамата во официјална конкуренција ќе понуди десет претстави од девет земји. Македонија ќе се претстави со две монодрами. В петок единствениот фестивал од ваков вид во земјава ќе биде отворен со вонконкурентската претства „Брачна игра“. Фестивалот ќе биде затворен со музичкиот перформанс на еден од нашите најистакнати композитори, Горан Трајковски.

В петок во Битола стартува 19-тиот интернационален Фестивал на монодрамата. Еден од најстарите фестивали во регионов и единствен од ваков вид во земјава ќе го отвори вонконкурентската претстава „Брачна Игра“ од Едвард Олби, во режија на Тони Михајловски. Во следните четири фестивалски денови во официјална конкуренција ќе бидат одиграни десет монодрами од девет земји. Најтешкиот татарски жанр ќе понуди квалитени дела, вели селекторот Петар Мирчевски.
„Пред сѐ, се водев од квалитетот на претставите кои аплицираа и мислам дека одбравме монодрами за сечиј вкус. Исто така сакам да напоменам дека се застапени врвни автори како што се Марина Цветаева, Достоевски, Владимир Набоков како и нашиот најплоден драматург Горан Стефановски“, вели доајенот на македонското актерство и селектор на фестивалот Петар Мирчески.
За да се стигне до реномираните награди меѓу кои и најпрестижната „Гран при“ треба да се задоволат и вкусовите на еминентното меѓународно жири.
„Жирито ќе биде предводено од еминентниот турски режисер Емре Ерден. И годинава дел од жирито ќе биде познатата Нина Мазур, претставник има и од Холандија, а Македонија ќе има двјаца членови, меѓу кои и Игор Џабазов, актерот кој пред дваесетина години ја направи најдобрта монодрама во нашата понова историја“, вели организаторот, директорот на НУ Центар за култура, Борче Димитровски.
Дневно ќе се играт и до три монодрами, а љубителите на останатите видови на тетарската уметност во делот на вонконкурентските претстави, ќе можат да ја проследат и „Дупло Дно“. Новина на годинешното издание е музичкиот пеформанс на еден од нашите најистакнати композитори, Горан Трајковски, со кој и ќе биде затворен интернационалниот Фестивал на монодрамата.
Стевче Митревски
