Реакции во Србија по интервјуто на Заев

03.05.2017 15:27

Српските власти изненадени по интервјуто на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за белградски медиум. Инзненадени се од реториката, бидејќи, велат, двете земји до сега имале добри меѓусоседски односи.

Не знам со што Александар Вучиќ и владата на Србија го заслужија овој брутален и скандалозен напад од претендентот за местото македонски премиер, Зоран Заев. Зар не му се доста проблемите што ги има во Скопје, па сега ги бара и во Белград- остро реагираше шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ по синоќешното интервју на Зоран Заев за белградската Курир ТВ.

Србија кон Македонија е искрена, ја призна под уставното име иако за тоа имаше забелешки од Грција и ни еден збор не изговори за да се меша во нејзините внатрешни работи. А Македонија го призна Косово, гласаше против Србија во УНЕСКО и сега кандидатот за премиер брутално го навредува раководството на Србија и убедливо избраниот претседател Вучиќ- додаде Дачиќ.

Неговата писмена реакција до „Танјуг“ уследи по интервјуто на Заев, во која тој на новинарското прашање за односот на српските медиуми кон него- како за албански слуга и зошто националистичките кругови имаат поголеми симпатии кон Груевски-одговори:

„Затоа што во Србија постои националистичко раководство на Вучиќ, кој што се декларираше себеси како лидер во регионот. Но првата прилика кога дојде до тоа да му биде загрозена политичката кариера- се покажаа сите негови националистички позиции“- рече Заев.

Во Интервјуто Заев изјави дека првата обврска на новата влада ќе биде унапредување на соработката со Србија, ги отфрла наводите за поднесувањето тужбата за геноцид и ги коментира изборни изјави на Вучиќ за македонското сценарио во Србија.

Во реакциите во Србија се приклучи и министерот Вулин кој го запраша Заев дали нападот кон Вучиќ го смислил сам, или под сугестија на Рама, Тачи и Џафери?

За разлика од медиумите, досегашниот официјален став на Белград е дека нема да се меша во внатрешните работи на Македонија.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ