Нухиу од Владата бара разрешување на Чавков
За поправање на направената штета во собранието е потребно подолго време и ангажман, не само од МВР, туку и од другите институции, изјави министерот Нухиу. Посочи дека од Владата бара разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Чавков. Назначил и нов координатор на Оперативниот штаб.

Министерот за внатрешни работи, Нухиу од Владата побара разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Чавков. За координатор на Оперативниот штаб го назначил Горанчо Савовски, кој е државен советник во Бирото.
Нухиу вели дека за поправање на штетата во Собранието по настанот потребни се подолго време и ангажман и од Јавното обвинителство и од судот. Нухиу формирал работна група која ќе ги утврдува пропустите.
Од МВР информираат дека привеле уште тројца кои се сомничат за кривични дела „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
Судија на претходна за еден одредил осум дена притвор. Во полициската станица Кисела Вода еден од учесниците во настаните сам се пријавил. Полицијата трага уште по 8-мина. Од 12 приведени, на 6-мина им е одреден осумдневен притвор, еден е во куќен, а на двајца мерка на претпазливост.
МВР во координација со обвинителството досега поднела кривични за 20 идентификувани учесници. Од МВР информираат дека до Основното јавно обвинителство поднеле извештаи за организаторите на протестот и за луѓето кои ги отстранувале блокадите на вратата од собраниската зграда.
Од СВР Скопје истражуваат за импровизираната експлозивна направа која е најдена на првиот кат во законодавниот дом.
Наташа Гркова- Петрушевска
