ВМРО-ДПМНЕ: Талат Џафери на диво и незаконски е во кабинетот на претседателот на Собранието
„Талат Џафери е на диво и незаконски во кабинетот на претседателот на Собранието. Таков беше и обидот да се избере на оваа функција“, смета ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека ќе ги употребат сите средства за да ги одбранат Уставот и законите. Од СДСМ порачуваат - врвен државен интерес е мирен трасфер на власта...

Талат Џафери нелегално влезе во кабинетот на претседателот на Собранието. Тоа претставува насилство врз институциите, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече Драган Данев, со обидот за избор на нов спикер на парламентот, СДСМ и партиите од албанскиот блок грубо ги прекршија Уставот, законите и собранискиот деловник.
„Талат Џафери беше нелегално во кабинетот на претседателот на Собранието. На диво и незаконски, исто како и обидот тој да биде избран за претседател. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги употреби сите демократски средства во одбрана на Уставот и законите и ќе продолжи да се бори за заштита на највисоките државни и национални интереси“, изјави Драган Данев, ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најостро ги осудија, како што велат, обидот за заплашување и хајката која по политички налог се води против недолжни граѓани кои се приведуваат и им се врши огромен притисок од одредени институции. Нивни единствен грев е тоа што си ја бранеа државата и националните интереси и се противеа на реализирањето на тиранската платформа, истакна Данев. Одговорност има и министерот за внатрешни Нухиу, кој според ВМРО-ДПМНЕ, не смее да врши притисок врз вработените спротивно на процедурите и законот да малтретираат и приведуваат недолжни граѓани. Од институциите очекуваме наместо да ги прогонуваат граѓаните, да реагираат на кршењето на највисоките правни акти на државата од СДС и нејзиното раководство, рече Данев.
Од СДСМ сметаат дека е неопходно новиот претседател на Собранието, избран на законски и легитимен начин, целосно да ги преземе одговорностите по деловник, устав и закон. Врвен државен интерес е мирен трансфер на власта и формирање на новата реформска влада и тоа, како што се наведува во соопштението, брзо ќе се случи.
„Во најскоро време Талат Џафери ќе го информира Ѓорге Иванов дека постои декларирано парламентарно мнозинство и дека Иванов е должен да му го даде мандатот на претседателот Заев за формирање на новата влада“, стои во соопштението.
Како што велат од СДСМ, крвавото насилство во параламентот не смее да се повтори и оти нарачателите и извршителите ќе одговараат за своите постапки. Неопходно е лидерите на сите партии, институциите, граѓаните кои се злоупотребени на протестите да го сфатат својот дел од одговорноста и да овозможат продолжување на демократските процеси, наведуваат од СДСМ.
Милчо Велески
