Тилерсон: Работите излегоа надвор од рамнотежа

04.05.2017 10:18

Националната безбедност и економскиот просперитет се основите на американската надворешна политика за време на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, истакна државниот секретар Рекс Тилерсон во обраќањето пред вработените во Стејт Департментот. Остварувањето на американските национални интереси не треба да дојде на сметка на другите држави, туку во соработка со нив, изјави Тилерсон додавајќи дека работите излегле надвор од рамнотежа.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во вториот настап пред вработените во Стејт Департментот истакна што администрацијата на Доналд Трамп очекува од надворешната политика. Америка на прво место преведена во надворешната политика значи национална безбедност и економски просперитет на САД, изјави државниот секретар Тилерсон додавајќи дека работите излегле надвор од рамнотежа.

„Ние промовираме односи, економска активност и трговија со многу економии во развој и некако го изгубивме патот како тоа го правиме. Мислам и го слушнавте и претседателот којшто зборуваше за ова дека работите излегоа надвор од рамнотежа, а ова се навистина важни односи за нас и важни сојузи, што мораме да ги вратиме во рамнотежа“, изјави американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.

Тилерсон изјави дека промената е стресна, но побара соработка од вработените да му рапортираат за својата работа во Стејт Департментот и во амбасадите.

„Ова е голем потфат. Ова е голем департмент, покрај Стејт Департментот и УСАИД, вклучувајќи ги и сите наши мисии и амбасади, конзулати, сите сме дел од тоа како ја испорачуваме мисијата. Затоа сакам да погледнеме целосно како го правиме тоа“, нагласи Тилерсон.

Тилерсон во обраќањето до вработените не го спомна скратувањето на буџетот на Стејт Департментот за 38 проценти, што наводно го намалило моралот кај дипломатите. То посочи дека главни приоритети на американската надворешна политика се справување со Северна Кореја, Кина, Русија, терористичките организации, Сирија, Авганистан, Блискиот Исток, Европа, Украина, Африка и Мексико.

Според Тилерсон, остварувањето на американските национални интереси не треба да дојде на сметка на другите држави, туку во соработка со нив.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ