Одбележани 114 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев
Одбележани 114 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. На гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ цвеќиња положија владина делегација, делегации на АРМ, на МАНУ, од советот на Град Скопје, претставници на политички партии. Во МАНУ доделена државната награда, со која се оддава општествено признание за особено остварување во сите области од науката...

Наградата „Гоце Делчев“ е поттик и повик за уште поголеми стремежи и напори за рамноправен натпревар во светот на големата наука. Од највисоката академска институција, велат дека оваа награда претставува безусловно почитување на науката, знаењето, на истражувањата, создавање услови за нивен развој како најзначаен чинител за нашата иднина. Годинава, носители на ова еминентно признание се лекари и професори, Ванчо Спиров, Трајче Стафилов, Роберт Шајн и Јасна Котевска.
За апостолот на македонската самобитност, традиционална панихида во неговиот вечен дом, црквата „Свети Спас“ во Скопје. Уште едно поклонение, овојпат и со учество на голем број деца, пред камениот саркофаг кадешто се моштите на Делчев.
Моштите на Делчев се пренесени во главниот град на независна Македонија од Софија на 10-ти октомври 1946-та. Со највисоки граѓански и воени почести, неговиот вечен дом се претвори во светилиште на македонските духовни, културни и револуционерни традиции.
Ана Јосифоска- Тодоровска
