Службен весник: Идната недела одлука за собраниски претседател

04.05.2017 15:03

Службен весник идната недела ќе ја објави одлуката за претседател на Собранието. Од Кабинетот на собранискиот спикер соопштија дека Талат Џафери испратил писмо до претседателот Иванов, дека е формирано парламентарно мнозинство, за да го додели мандатот на лидерот на СДСМ. Заев вели дека нова влада ќе има до крајот на месецот.

Службен весник потврдува дека стигнал дописот за одлуката за избор на претседател на Собранието. Од таму информираат дека одлуката ќе биде објавена во наредниот број во почетокот на идната недела.

Од Кабинетот на Претседателот на Собранието известуваат- Талат Џафери го испратил писмото до претседателот Иванов дека е формирано ново парламентарно мнозинство.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека нова влада ќе има до крајот на мај.

„Покрај решавањето на правниот аспект со десетте дена јас сум подготвен да го посетам господинот Иванов. Ќе разговарам со коалициските партнери и лидерите да одиме заедно и уште еднаш да ја гарантираме унитарноста, уставноста, мултиетничноста, НАТО и ЕУ и перспективите на државата. Постојат можности до крајот на месецот да биде избрана владата, согласно роковите, но зависи од одлуката на г-динот Иванов дали ќе го даде мандатот, зависи од техничката можност на Собранието, дали таму е се функицонално, од системите, од можноста пратениците да работат како што треба. Верувам дека ќе се стигне, не заради нас, туку поради граѓаните треба побрзо, колку што е можно да се избере нова влада“, изјави Заев.

Заев додава дека институциите треба да си ја завршат својата работа, за она што се случуваше во Собранието.

Наташа Јанчиќ