Велика Британија: Принцот Филип се повлекува од кралската должност
Во соопштението се наведува дека одлуката според која Принцот Филип до август ќе учествува во јавни активности е донесена со целосна поддршка на кралицата.

Бакингемската палата соопшти дека Принцот Филип, сопругот на Кралицата Елизабета Втора од есен повеќе нема да ја извршува кралската должност. Принцот, кој следниот месец ќе наполни 96 години е покровител, претседател и член на повеќе од 780 организации, но ќе продолжи да соработува со нив.
Во соопштението се наведува дека одлуката според која Принцот Филип до август ќе учествува во јавни активности е донесена со целосна поддршка на кралицата.
Бакингемската палата истакнува дека кралицата и натаму ќе учествува во комплетната програна на јавните активности, додека принцот ќе продолжи да ги води многубројните хуманитарни организации.
По повлекувањето тој нема да прифаќа нови покани за посети и случувања, иако може од време на време да присуствува на некое јавно случување.
Светските агенции потсетуваат дека Принцот Филип, Војводата од Единбург во минатото имал проблеми со срцето, но дека бил доста активен во јавниот живот. Кралската палата денеска не објави никакви нови детали за неговата здравствена состојба.
Медиумите изутрината пренесоа дека пред Бакингемската палата дошло до метеж и дека се чекало важно соопштение, по што се појави информацијата дека станува збор за лажна узбуна и дека се работи само за состанок на персоналот.
Некои медиуми објавија дека Принцот Филип починал, информација која Бакингемската палата ја демантираше додавајќи дека нема причина за грижа.
Кралицата Елизабета која е нодамна наполни 91 година, во средата се врати во Лондон по престојот во замокот Виндзор во западен Лондон.
Марина Автовска
