Талат Џафери на средби во Брисел

04.05.2017 15:47

По состанокот, од кабинетот на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан порака - Парламентот да работи без опструкции. Џафери на средби и високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини, со претседателот на Европскиот парламент, Тајани и со европратениците Вајгл, Кукан и Флекенштајн.

Парламентот да работи непречено, а сите парламентарци, вклучувајќи ја и опозицијата, да имаат конструктивна улога- оваа порака ја испрати Јоханес Хан по средбата со Талат Џафери во Брисел.

Еврокомесарот, како што соопштуваат од неготвиот кабинет, ја изразил подготвеноста на Европската унија да соработува со новиот претседател на Собранието за спроведување на реформската агенда, имплементацијата на договорот од Пржино и на итните реформски приоритети. Повика земјата да се фокусира на идните чекори, како што е формирање Влада со почитување на мнозинството, во согласност со Уставот и демократските принципи.

„Ние треба да создаваме клима со која ќе може идната влада и работата на парламентот да ги исполни сите оние реформи кои произлегуваат од извештајот на Прибе. Во тој контекст го известив комесарот дека ќе преземам чекори во оној термин кој е предвиден со деловникот да ги повикам претставниците на политичките партии на консултативна координација за понатамошна работа на Собранието. Обврските кои произлегуваат по однос на писмото до Иванов, јас сум должен да чекам максимално 10 дена- уставен рок кој е даден за Иванов да одлучи да го додели мандатот“, изјави Џафери.

Хан ги осуди, како што е наведено во дописот, намерните напади врз пратениците и новинарите во Собранието и бара сите актери да се воздржат од провокативни изјави и постапки. Предупреди дека ако ваквите настани се повторат, ќе ја загрозат европската перспектива на земјата.

На денешната бриселска агенда на Џафери се и средбите со високата претставничка на ЕУ, Федерија Могерини, како и со европарламентарци. Претседателот Џафери ќе ги информира соговорниците за состојбите во Македонија, со посебен акцент на процесот на формирање на новата влада.

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ