Воведена нова метода во охридскиот кардиолошки завод
Охридскиот Завод за кардиоваскуларни заболувања денеска започна со примена на нова метода за третирање на комплексни запушувања. Станува збор за методата „ротаблација“, која во Македонија се изведува само уште на Клиниката за кардиологија во Скопје.

Во Заводот за кардиологија „Свети Стефан“ во Охрид од денеска е воведена нова процедура за третирање на комплексни запушувања на срцевите крвни садови, кои имаат масивни калциумски депозид во ѕидот. Се работи за методата „ротаблација“, при што се користи посебна апаратура за таа намена.
„Оваа процедура е резервирана за ретки и комплексни запушувања на срцевите артерии. Значи оние кои порано доколку не успееше да се направи интервентна процедура се праќаа на отворена операција на срце“, изјави д-р Никола Бакрачески.
Охридскиот тим интервентни кардиолози првата процедура ја изврши во соработка со нивниот ментор од Клиниката за кардиологија од Белград.
„Два до три проценти од пациентите поради наталожен калциум на крвниот сад не можат да се третираат со стандардна процедура, со вградување на стент. Така што оваа метода ќе им овозможи лекување без отворање на градниот кош и без класична интервенција“, рече доцент Владимир Лукчевиќ, заменик директор на Клиниката за кардиологија од Белград.
Оваа процедура во Македонија досега се изведуваше само на Клиниката за кардиологија во Скопје, а се применува во помал број центри кои имаат голем волумен на работа, искусни и добро обучени интервентни кардиолози.
Сашо Нелоски
