Могерини: Собранискиот спикер треба да е над партиските и етничките интереси

05.05.2017 08:44

Во соопштението од кабинетот на Могерини се наведува дека го поздравила изборот на Џафери за претседател на Собранието и ја повторила острата осуда на Европска Унија на минатонеделното насилство во Законодавниот дом кон пратениците и новинарите.

Улогата на собранискиот спикер треба да биде над партиските и меѓуетничките политики, и во интерес на сите граѓани и заедници во земјата, истакнала високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини на вчерашната средба со Талат Џафери во Брисел.

Во соопштението од кабинетот на Могерини се наведува дека го поздравила изборот на Џафери за претседател на Собранието и ја повторила осудата на Европска унија за минатонеделното насилство во Законодавниот дом кон пратениците и новинарите.

Могерини нагласила и дека Европската унија очекува сите политички партии да се ангажираат конструктивно во политичкиот процес, вклучувајќи го и формирањето влада, како и во работата на новото Собрание.

Џафери вчера се сретна и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. „Парламентот да работи непречено, а сите парламентарци, вклучувајќи ја и опозицијата, да имаат конструктивна улога“- оваа порака ја испрати Хан по средбата.

На вчерашната агенда беа и средбите со претседателот на Европскиот парламент, Тајани и со европратениците Вајгл, Кукан и Флекенштајн.