Кожув е во Романија

11.02.2014 11:20

Во згуснатиот распоред на стартот на февруари, Гевгеличани продолжуваат со регионалната пресметка против Крајова, на гостински терен.

Кожув ќе истрча на мегдан кај Крајова во 13-то коло од балканското регионално кошаркарско натпреварување, а по два дена ќе ги одмери силите дома со Балкан во заостанатиот натпревар од 12-то коло.
 
Во моментов, Кожув е на 7-та позиција на БИБЛ табелата, со 4 победи и со 6 порази во 10 одиграни натпревари. Крајова е позиција погоре, со скор 4/7. Двете екипи се во негативна серија. Нашиот претставник има 5 порази по ред, а романскиот има два во низа.
 
Во првиот меѓусебен натпревар во рамките на 4-то коло во БИБЛ лигата, Кожув победи во Гевгелија со 84:78. И тимот на Куманово имаше позитивен резултат во првата средба со Романците, но на гостувањето беше убедливо совладан, што треба да биде соодветно предупредување за кошаркарите на Марјан Србиновски.
 
На домашна сцена, по елиминацијата во полуфиналето на Купот во Охрид од победникот на турнирот МЗТ Скопје, кожув ќе продолжи во домашниот шампионат со мечот против Карпош Соколи, во Скопје на 15-ти февруари.
 
Финалистот од претходното издание на македонското првенство, ќе одигра 5 натпревари во 10 дена што е сигурно најнапорниот дел од тековната натпреварувачка година, но екипата од Гевгелија не ги крие амбициите за високи дострели на преостанатите два фронта и во актуелната сезона.