Промовиран Водич за родители за здравје, раст и развој на детето

05.05.2017 15:28

Промовиран првиот Водич за родители за здравје, раст и развој на децата до три години. Содржи совети и информации за најважните аспекти на здравјето, растот и развојот вклучувајќи правилна исхрана и доење, календар на имунизација, безбедност на детето. Водичот ќе го делат патронажните сетри при првата посета на сите новородени деца.

При првата посета на домот на новороденчето, патронажните сестри на родителите ќе им делат водич кој ќе им помогне за правилен раст и развој на детето. Во него има совети за поголема сигурност за секојдневна грижа, во однос на доењето, исхраната, имунизацијата, здравјето на детето. Има дијаграми на раст во височина и тежина. Превенцијата е клуч, а дел од превентивните служби се и патронажните сестри.

„Патронажната сестра влегува во секој и во секаков дом. Улогата на патронажната сестра е да ја охрабри мајката, да и даде соодветен совет, да ја процени средината во која ќе живее и како ќе се развива новороденчето, бидејќи Зздравствен дом- Скопје на годишно ниво посетува од 7.500 до 8.000 новороденчиња“, изјави д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом- Скопје.

Децата кои имаат квалитетна грижа во раните години, имаат поголеми шанси да го остварат својот потенцијал и да уживаат поквалитетен живот- вели Ериксон, претставничка на канцеларијата на УНИЦЕФ.

„Со помош на овој водич, родителите медицинските сестри, а и целата заедница ќе имаат можност да го уловат тој момент во кој ќе забележат дека детето не се развива како што треба, за да можат да обезбедат навремена поддршка и грижа враќање на својот нормален развој“, изјави Елспет Ериксон, заменик- претставник на Канцеларијата на УНИЦЕФ.

Педијатрите, неонатолозите, медицинските и патронажните сестри во соработка со уницеф две и пол години го подготвувале водичот. Во него е опфатено се што е потребно за стекнување на животните навики во првите три години на детето.

 

Андријана Атанасовска