Смирувањето на кризата ќе му помогне на туризмот
На дводневен туристички саем, турски хотели и фирми ги нудат убавините на Турција. Патувачкиот саем опфаќа три главни града во четири дена: Скопје, Тирана и Приштина. Министерот за економија, Кучи, очекува со смирувањето на политичката криза раздвиженост во економијата. Организаторот пак, поголем број македонски туристи.

Расте бројот на странски туристи кои ја посетиле земјава.Во јануари и февруари годинава бројот на туристи бил поголем за 13, 4% во однос на истиот период лани, додека бројот на ноќевања е зголемен за 11, 1 насто.Субвенционирањето на организираниот странски туристички промет, намалувањето на ДДВ од 18 на 5 % за сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација, придонеле за раст во секторот на туризмот.
Истовремено странските туристички индустрии засилено ги промовираат сопствените потенцијали во пресрет на летната туристичка сезона. На дводневниот туристички саем се претставени туристички оператори од Албанија, Турција и Кипар. Тие веруваат во потенцијалот на македонскиот туристички пазар и очекуваат зголемување на бројот на наши туристи кои летово ќе претстојуваат во тамошните хотелски капацитети.
„Целосно веруваме во Македонската држава и нашата иднина овде е да и помогнеме на економијата правејќи го најдоброто за туристичката индустрија“, изјави Енвер Мехмети, претседател на туристичка група- Албанија.
Ресорниот министер Кучи очекува завршувањето на политичката криза да овозможи зголемена динамика на македонската економија што ќе овозможи и подобри резултати во туристичкиот сектор.
„Се надевам идниве денови ќе имаме можеби и политичка Влада и се надевам дека сето тоа ќе овозможи една подобра економија за нашата држава, а изминатите две години беа тешки за домашната економија“, изјави Дритон Кучи, министер за економија.
Кучи очекува годинашнава туристичка сезона да биде на ниво од минатогодишната кога беа регистрирани 856 илјади 843 туристи. Хотелиерите и туроператорите се оптимисти, очекуваат продолжената политичка криза да не влијае на бројот на туристи, бројот на откажани резервации е незначителен, а првите организирани чартери со туристи од земјите на Бенелукс ветуваат солидна летна туристичка сезона. За првомајските празници, на охридското крајбрежје, најмногубројни беа гостите од регионот: од Турција, Србија, Бугарија, Албанија и Грција.
Свето Николовски
