Избори во Франција: Европските лидери со поддршка за Макрон

05.05.2017 16:16

Европските лидери пред неделниот втор круг од претседателските избори во Франција, што според многумина одлучуваат за иднината на Европска унија, застанаа на страната на центристичкиот и проевропски кандидат Емануел Макрон и против политиката на „уништувањето на ЕУ“ на ултрадесничарката Марин Ле Пен.

Најголемиот број од европските лидери, гледано од Брисел или Стразбур, имаат позитивен став за Емануел Макрон и отворено се надеваат дека тој ќе победи во недела, наспроти канидатката на Националниот Фронт, Марин Ле Пен.

Макрон, беше единствениот кој уште од почетокот на кампањата отворено застана зад Европа, иако сака да ја измени. За разлика од него, кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен, има проект за уништување на Европа.

Европските лидери по објавувањето на првичните резултати од првиот круг од изборите му честитаа на Макрон, што е индикатор за европската загриженост поради растечкиот популизам и евроскептицизам по одлуката на Велика Британија да излезе од ЕУ и доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД.

По првиот круг честитки до Макрон упатија претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, германската канцеларка Ангела Меркел, грчкиот премиер Алексис Ципрас и белгискиот премиер Шарл Мишел.

Германската канцеларка Ангела Меркел исто така го поддржа Макрон, „бидејќи тој се залага за доследна проевропска политика“, рече таа во интервју објавено во средата.

Иако можеше да се очекува, сепак сите ги изненади влегувањето на поранешниот претседател на САД, Барак Обама во француската претседателска кампања, во која тој официјално застана зад францускиот претседателски кандидат, Емануел Макрон. Откако двајцата зборувале по телефон на 20-ти април.

„Јас не планирам да се вклучувам во многу избори сега кога не морам да се борам за функција повторно. Меѓутоа, француските избори се многу важни за иднината на Франција и на вредностите за кои ние се грижиме толку многу“- вели Обама.

Оваа интервенција во француската кампања е долгорочен проект кој поранешниот претседател сака да го води под покровителство на својата фондација: односно да им даде нов живот на прогресивните вредности и социјалната демократија, како во САД така и на други места во светот, за да се спротивстави на притисокот на популистичките движења кои се засилија во последниве години.“

Марин Ле Пен не може да се пофали на таква поддршка од странство.

Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција за МРТ