Во Албанија затворено училиште на македонски
Положбата и правата на Македонците во Албанија, со посебен акцент на образованието и новата територијалната поделба, биле главните теми на синоќешната средба во Корча на генералниот секретар на партијата Македонскаалијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски со Фејзо Нуманај, претставник при канцеларијата на амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, пишува Македониум, весникот на Македонците во Албанија.

На средбата станало збор за новата територијална поделба од која најмногу се загрижени нашинците. Стерјовски го информирал претставникот на ОБСЕ дека евентуалното укинување на македонските општини би било грубо прекршување на малцинските права, би значело процес на асимилација на македонската заедница и побарал поддршка од ОБСЕ, македонските општини во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора со евентуалната територијална поделба да не се укинуваат.
Нуманај бил запознат и со правата на Македонците, за недостигот на учебници на македонски јазик во општина Пустец каде што официјално се признава македонското малцинство, но не се исполнуваат обврските. Од потребните 55 учебници што треба да се на македонски, дури 41 не се испечатени. Затворено е училиштето на македонски јазик во село Врбник, во Деволската област. Претставникот на ОБСЕ бил информиран и за неможноста македонските деца надвор од Мала Преспа, во областите Гора и Голо Брдо да го изучуваат македонскиотјазик, пренесува весникот Македониум.
Лидија Чакар
