Рани резервации за летниот одмор

08.05.2017 11:08

Граѓаните прават рани резервации во туристичките агенции. Се надеваат дека на овој начин ќе заштедат на летниот одмор. Најатрактивни се дестинациите од регионот, но оние со подлабок џеб бараат и полуксузни места. Од агенциите велат дека политичката криза, барем засега, не влијае врз продажбата на аранжманите.

Туристичките агенции со полни раце работа. И годинава избор за летување на македонските граѓани се плажите во соседството. Интерес има и за егзотичните дестинации. И покрај политичката криза, туроператорите се задоволни од продажбата на аранжманите. Рани резервации се прават уште од почетокот на годината, но има и такви кои што чекаат последен момент.

„Со резервации почнавме во ноември 2016-та за лето 2017-та. Во овој момент можам да кажам дека нема многу влијание политичката криза. Тие што сакаат да патуваат и што имаат во план, се пријавуваат за резервации“, изјави Сузана Зелениковска, вработена во туристичка агенција.

Цените се конкурентни, се нудат примамливи промотивни пакети. Оние што располагаат со повисок буџет за летување, се решаваат за хотелски аранжмани и подалечни дестинации.

„Се бара многу приватното сместување. Годинава за хотелите многу е атрактивна Турција, со чартер лет за Анталија. Навистина има атрактивни цени, за хотелско сместување, ол- инклузив услуга, со примамливи цени. Тоа е она што предизвика интерес кај граѓаните“, вели Ана Крстевска- Каламатевска, вработена во туристичка агенција.

Во последните години македонските туристи ги менуваат навиките за летување.

Оние кои што не можат да си дозволат одмор сред сезона, кога аранжманите се најскапи најчесто резервации прават за поевтините понуди во јуни и во септември.

 

Сунчица Николоска