Еден приведен, тројца на разговор, кривични за уште двајца за собраниските настани

08.05.2017 11:29

Еден приведен, тројца повикани на службен разговор. Поднесени кривични пријави против двајца за собраниските настани од 27-ми април. За едниот се одредени мерки на претпазливост, за другиот куќен притвор. Министерството за внатрешни и обвинителството соопштуваат дека продолжува идентификацијата и документирањето и на други учесници за расветлување на кривично-правниот настан во македонскиот Законодавен дом...

Продолжуваат активностите на полицијата за идентификување и обезбедување на лицата кои нападнаа пратеници, новинари, вработени во Собранието и граѓани при настаните од 27-ми април, велат од Секторот за внатрешни работи- Скопје. Последните информации од Основното јавно обвинителство, пак, говорат дека се поведени постапки против уште двајца инволвирани во овие настани.

Министерството за внатрешни работи им поднесе кривични пријави за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Против едниот осомничен, за кого предвид била земена неговата здравствена состојба, судот му изрекол мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патната исправа, забрана за присутство на протест во близина од 500 метри и забрана за приближување до лицата нападнати од него. На другиот осомничен, судот му определил мерка куќен притвор од 8 дена.

Од МВР информираат дека едно од лицата е 65 годишниот П.А. од Скопје. Во службениот разговор со полицијата, тој потврдил дека влегол во Собранието и физички нападнал тројца пратеници, меѓу кои Заев и Шеќеринска, а се туркал и со вработени од обезбедувањето.

Претходниот ден на службени разговори во полиција биле повикани уште три лица, двајца од Скопје и еден од Велес.

Досега се приведени десетина учесници во насилствата во Собранието. Неколкумина од приведените се наоѓаат во притвор. Против 20-ина лица, учесници во нередите, се поднесени кривични пријави.

Основното јавно обвинителство на 30-ти април соопшти дека седум лица од петнаесетте осомничени за насилствата во собранието се лишени од слобода. На 2-ри мај, Основен суд- Скопје 1 соопшти дека определил притвор од осум дена за уште едно лице поврзано со инцидентите во Собранието.

Од скопското Јавно обвинителство соопштија дека активностите за разсветлување на кривичниот правен настан продолжуваат во континуитет.

Фиљана Кока