Поднесени обвинија против девет лица за нередите во Собранието

08.05.2017 12:55

Осомничените се товарат дека сториле кривично дело, учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

Скопското Јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог уште против девет лица, учесници во нередите во Собранието. Осомничените се товарат дека сториле кривично дело, учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

За две од лицата, надлежен обвинител поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор. За четири лица, кои досега беа во притвор, прибрани се релевантни докази и не постои опасност осомничените да попречат во постапката, но обвинителството цени дека се уште има потреба од обезбедување на присуството на осомничените, се наведува во соопштението.

Од Обвинителството информираат дека за три лица, за кои МВР поднесе кривична пријава, донело решение за нејзино отфрлање. Од Јавното обвинителство посочуваат дека продолжуваат со прибирање релевантни докази и сослушување на сите лица инволвирани во собраниските настани, но при тоа исклучително внимавајќи на заштитата на човековите права и пресумпцијата на невиност.