Убедлива победа на Емануел Макрон
Емануел Макрон е новиот претседател на Франција. Стана најмлад шеф на државата во историјата на земјата. Тој во вториот круг ја победи десничарката Марин Ле Пен. Излесноста на изборите беше на најниско ниво уште од 1969 година.

Ден по изборите актуелниот претседател Франсоа Оланд го покани новоизбраниот Емануел Макрон, заедно да го одбележат денот на Победата.
Новоизбраниот претседател ќе поднесе оставка во текот на денот на претседателството на неговото политичко движење „Напред!“ Наскоро тој ќе треба да го открие името на претседателот на Владата и составот на идната влада, пред да најде мнозинство на парламентарните избори закажани за 11 и 18 јуни.
Избран во неделата со 66,1 отсто од гласовите, Макро убедливо ја победи Марин Ле Пен која освои 33,9 отсто од гласовите. Но Вториот круг беше обележан со ниска излезност од околу 74,26 отсто од гласачите, што не е забележано од претседателските избори од 1969 година, додека неважечките и бели ливчиња достигнаа 9% од регистрираните гласачи, односно повеќе од 4,2 милиони од гласачите кои гласаа не избраа ниту еден од двата кандидати, што е рекорд за претседателските избори.
По предизборната кампања, богата со изненадувања, кандидатот на центарот на 39 години ќе стане осмиот претседател на Петтата Република, и најмлад во историјата.
Мандатот на Франсоа Оланд официјално истекува следната недела. Трансферот на власта е предвидено да се одржи за време на викендот.
Доцна вчера вечер, Maкрон се обрати пред неговите симаптизери - помеѓу 20.000 и 40.000, според различни извори - под пирамидата во Лувр.
Макрон призна дека неговата победа не е „бланко чек“. Една од првите мерки кои ги најави е воведување на законодавството за „политичката морализација“. Макрон исто така, сака да се реформира законот за работни односи со уредби во текот на летото.
„Европа и Светот чекаат да го браниме насекаде духот на светлината загрозен на многу места. Чекаат насекаде да ги браниме слободите, да ги запштитваме угнетените, чекаат да носеме нова надеж, нов хуманизам, на посигурен свет, на свет на бранета слобода на свет на развој поголема првада и повеќе екологија. Не чекаат нас“ – рече Макрон.
Марин Ле Пен, и покрај нејзиниот јасен пораз се радува на нејзините „историски рекорд на освоени гласови“ со што Националниот Фронт „стана првата опозициска сила“. Со конечен резултат повисока од 10,5 милиони гласови, со што го надмина својот рекорд од првиот круг (7,7 милиони гласови).
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и германската канцеларка Ангела Меркел беа првите државници со кои разговараше телефонски Макрон по неговиот избор, тие го поздравија неговиот избор како „добра вест за Европа“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, му ја честиташе на победникот за неговата „широка победа“ и изрази „нетрпение да работи со него“.
Еврото реагираше позитивно во однос на доларот на девизниот пазар во Азија.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција за МРТ
