Светските лидери ја поздравија победата на Макрон
Светските лидери ја поздравија победата на Емануел Макрон. Британската премиерка Тереза Меј, која меѓу првите упати честитки, рече дека Франција е еден од најблиските сојузници. Среќен сум што французите ја избраа европската иднина, напиша на Твитер претседателот на Европската Комисија, Јункер. И рускиот претседател Путин му честиташе на Макрон...

Светските лидери ја поздравија победата на лидерот на центристичката партија Напред, Еманеул Макрон, кој е избран за нов претседател на Франција со освоени 66,06 насто од гласовите на вчерашниот втор круг од претседателските избори.
„Првин сакам да му ја честитам победата на претседателот Макрон за победата. Кога си ја сакаме земјата можеме само да му го посакаме најдоброто. Од искуство знам дека сега почнува тешкиот дел“, изјави Николас Саркози, поранешен претседател на Франција.
Меѓу првите честитка упати и британската премиерка Тереза Меј. Франција е еден од нашите најблиски сојузници и ние со нетрпение очекуваме да работиме со новиот претседател по бројни заеднички приоритети, стои во нејзиното соопштение.
Претседателот на Европската комисија, Јунер на Твитер напиша: „Среќен сум што французите ја избраа европската иднина“.
Одлуката на француските гласачи во корист на слободата, еднаквоста и братството ја поздравија и претседателите на Европскиот совет и Свропскиот парламент Доналд Туск и Антонио Тајани.
Претставник на германската канцеларка Ангела Меркел, пак, победата на Макрон ја оцени како „победа за силна и обединета Европа“. Српскиот премиер Вучиќ изрази очекување дека претседателскиот мандат на Макрон ќе значи продлабочување на соработиката меѓу српскиот и францускиот народ.
Рускиот претседател Путин го повика новоизбраниот претседател на Франција да ја надмине взаемната недоверба во цел на заедничката борба против растечката закана од тероризмот и насилниот екстремизам.
Холандскиот премиер Марк Руте на Фејсбук напиша дека со изборот на Макрон француските гласачи направиле „јасен, прогресивен и проевропски избор, избор за соработка во европа во сферите во кои е неопходно“.
Честитки пристигнаа и од лидерите на Чешка и на Словачка. Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави дека франција со новиот претседател Макрон ќе придонесе за зајакнување на единството на Европската унија, во важен момент за неа.
Белгискиот премиер Шарл Мишел му ја честиташе победата на лидерот на Центристичката партија, наведувајќи дека Франција и Белгија ќе работат заедно со цел да дадат нов поттик на Европа.
Исто така, победата на Макрон на претседателските избори во Франција ја поздравија и американскиот претседател Доналд Трамп, како и неговиот кинески колега Си Џинпинг.
Канадскиот премиер Трудо оствари телефонски разговор со Макрон, при што му честиташе за победата.
Марина Автовска
