Канадски експерти ги учат македонските бизнисмени на подобри бизнис вештини

08.05.2017 14:43

Менаџери од 40 мали и средни фирми, и млади претприемачи ќе учат, како да ги подобрат своите вештини и деловни способности по теркот на канадскиот универзитет „Вестерн Онтарио“, еден од најпрестижните во Северна Америка. Практично истражување на случаи, испитување иновации, аналитичко размислување. Програмата „Лидер“ е во организација на „Македонија 2025“.

Маркетинг стратегија, финансиско планирање, анализи, како бизнис- идејата да се преточи во план за развој во глобални рамки, да се создаде нов продукт. 40- тина македонски менаџери на мали и средни фирми и млади претприемачи собираат искуства од канадски експерти како да ги надминат слабостите, да стекнат самодоверба пред предизвиците и пречките од екстерните влијанија.

Светот е динамичен, новите правила и принципи постојано го притискаат бизнисот. Да се следи трендот е тежок процес, образованието недоволно, обуките и советите неопходност, претприемачкиот дух да остане конкурентен на глобалните пазари, оценуваат од „Македонија 2025“.

Македонските претприемачи се заинтересирани за нови знаења и вештини, имаат потенцијал со својата самодоверба да и конкурираат на светската бизнис елита, посочуваат стручните лица од Канадската школа „Ричард Ајви“.

Многу бизнис приказни по обуката успешно се реализираат, 90 проценти од започнатите успеваат- тврдат екпертите. Програмата „Лидер“ на „Македонија 2025“ досега ја минале 300 бизнисмени.

Сузана Фиданска- Стоевска