ЦИА вршела напади врз светските лидери

08.05.2017 15:05

Британски „Гардијан“ тврди дека американски агенти вршеле напад врз светските лидери. Кастро, Гадафи, Хусеин и Милошевиќ се само дел од листата на луѓе кои ЦИА наводно се обидела да ги убие.

„Американската Централна разузнавачка агенција од 1945 година ликвидирала неколку лидери на глобално ниво, но истрагата на Сенатот во 70-тите години на минатиот век ја принудила да ги ограничи таквите дејствија“, пишува британскиот весник „Гардијан“. Во 1976 година, американскиот претседател Џералд Форд потпиша декрет во кој се наведува дека ниеден службеник на владата нема да учествува во заговорите за политички убиства.

„Гардијан“ наведува дека и покрај тоа, САД никогаш целосно не се откажале од стратегијата. Единствената работа која ја смениле е терминологијата. Наместо за атентати, се употербувало „цел на убиство“, а наместо „воздушен напад врз претседател“ користеле фрази од типот „напад со дрон врз терористички лидер“.

Меѓу најозлогласените операции се и обидите за убиство на претседателот на Куба Фидел Кастро со снајпер, експлозивни цигари и отровен костум за нуркање. Вашингтон призна осум обиди за атентат, но „Ел команданте“ тврдеше дека неговиот живот бил загрозен над 100 пати. Во една пригода изјави дека доколку преживувањето атентати било олимписка дисциплина, ќе освоел златен медал.

Министерството за државна безбедност на Северна Кореја верува дека ЦИА и натаму ги применува старите методи. Пред неколку дена беше објавено соопштение во кое оваа институција ја обвини Агенцијата и јужнокорејските разузнавачи за неодамнешниот обид за убиство на Ким Јонг-Ун со биохемиски супстанци и радиоактивни материјали за кои не е потребна физичко присуство до крајната цел бидејќи смртоносните последици се активираат по 6 или 12 месеци.

Жртви на обид за убиство од воздух беа и либискиот лидер Муамер Гадафи во 1986 година, српскиот претседател Слободан Милошевиќ 13 години подоцна и ирачкиот лидер Садам Хусеин во 2003 година.

Во 1960 година, ЦИА испратила научници да го ликвидираат првиот премиер на Конго Патрис Лумумба со смротносен вирус, кој според Вашингтон, бил премногу близок со Русија. Операцијата беше непотребна зашто истата година, беше сменет од функција. Во 1973 година, ЦИА била вмешана и во организираното симнување од власт на чилеанскиот претседател Салвадор Алјенде, кој според САД, бил премногу левичарски ориентиран. Алјенде почина само ден по пучот. Британскиот весник го споменува и убиството на рускиот дисидент Александер Литвиненко во 2006 година, потенцирајќи дека истрагата била окончана откако било заклучено дека бил убиен од руските разузнавачи.

Пософистицирани методи се развиени во сферата на кибернетичката војување. Викиликс годинава откри дека ЦИА се обидела да ги хакира автомобилските контролни системи со што агентите би можеле да предизвикаат и сообраќајна несреќа. И неуспешните ракетни тестирања на Пјонгјанг, како и проблемите на иранската нуклеарна програма се поврзуваат со директно или индиректно вирусно инфицирање на компјутерските системи.

 

Маја Филдишев