Во Охрид изложба по повод 9-ти Мај, Денот на победата над фашизмот

08.05.2017 15:25

Во пресрет на 9- ти Мај, Денот на победата над фашизмот, денеска во Охрид беше отворена изложба на фотографии на кои е прикажано ослободувањето на повеќе европски градови од Црвената армија. Изложбата е отворена во организација на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и почесниот Конзулат на Русија во Охрид.

9-ти Мај е денот кога доброто го победи злото. Ден кога се одбележува победата над фашизмот и завршува едно поглавје од најкрвавиот дел од човековата историја во која имаше 60 милиони жртви. Ова на отворањето на изложбата го рече Велимир Стојковски, почесен конзул на Руската Федерација во Македонија.

„Република Македонија навистина има право со гордост да го одбележува овој празник, бидеќи во оние еден милион и седустотини илјади жртви кои што ги дала поранешна Југославија, се смета дека триесеттина илјади се граѓани на Македонија“, изјави Велимир Стојковски, почесен конзул на Руската Федерација во Македонија.

Изложбата претставува реална слика на она што се случувало во текот на Втората светска војна, а посетителите ќе можат да видат 30 фотографии на кои е претставено ослободувањето на повеќе европски градови од Црвената армија.

„Со еден поглед врз фотографиите веднаш можат да се видат среќните лица на луѓето од цела Европа, како со радост го дочекуваат денот на победата. Овие изложби се значајни, особено за најмладите, за да знаат што значи војната и какви последици носи таа“, изјави Александар Евгењевич Алексеев, прв секретар на Руската амбасада во Македонија.

Изложбата како што беше речено, уште еднаш треба да не потсети дека она што го имаме не сме го добиле случајно, туку во него се вградени човечки животи и затоа треба да се негува и почитува споменот за нивното херојство.

 

Сашо Нелоски