Преку проверка на бонитетот до намален ризик
Домашните мали и средни компании ќе можат преку Стопанската комора да ја проверат финансиската состојба на потенцијални странски партнери, и со тоа да го намалат ризикот од ненавремена наплата на побарувањата. Од бизнис- заедницата посочуваат дека со самостојното издавање на бонитетни извештаи за малите и средни фирми, ќе се зголеми нивната транспарентност и ќе се олесни пристапот до финансиските средства.

За да се намали ризикот од ненаплатливост на побарувањата, малите и средните компании ќе можат да ја проверат нивната финансиска кондиција, користејќи глобална бонитетна мрежа преку Стопанската комора. Во зависност, каков вид извештај и податоци се бараат, како и рокот, цената на услугата ќе се движи од 50 до 150 евра, што зависи од цените за достапност на странските регистри на податоци кои се контактираат и пребаруваат.
„Овозможуваме достапност на бонитетни извештаи за повеќе од 12 милиони компании во 165 земји во светот. Целта е да се заштитат бизнисите на македонските фирми и да се провераи кондицијата на потенцијалните деловни партнери од странство“, изјави Анета Трајковска, директор на дирекција при Стопанската комора на Македонија.
Оваа бизнис- асоцијација е дел од меѓународната коморска мрежа која покрива 10 земји кои издаваат сертификати за успешност на малите и средните фирми, во кој регистар се влезени и 150 домашни компании. Тоа е своевиден доказ за стабилноста на компанијата, вели Трајковска, а Стопанската комора наскоро ќе почне и со самостојно издавање и на три вида бонитетни извештаи.
„Извештај за паричните текови на фирмата, извештај за финансискиот ризик на фирмата и извештај за сеопфатниот ризик на компанијата“, вели Трајковска.
Извештаите ќе ги изработува посебно обучен петчлен тим на аналитичари, а ќе ги верификува тричлена експертска комисија. Ќе се користат регистрите и официјалните бази на податоци на: Централниот регистар, Народна банка, Управата за приходи, Царинската управа. Целта е да им се помогне на малите и средните компании поуспешно да соработуваат со квалитетни странски партнери и да се зголеми нивната транспарентност во бизнисот, вели Трајковска.
Со овој дополнителен документ се очекува да се олесни и пристапот до изворите на финансиски средства за малите и средни фирми, кои во креирањето на домашниот БДП учествуваат со 68% и вработуваат 2/3 од вкупниот број работно ангажирани во земјава.
Свето Николовски
