Одлуката за изборот на Џафери објавена во Службен весник

09.05.2017 12:11

Службен весник на Република Македонија потврди дека во денешниот број е објавена одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на македонскиот Законодавен дом. Со ова Џафери и официјално ја презема функцијата.

10 дена по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, одлуката е отпечатена во најновиот број на Службен весник. Со тоа Џафери и официјално ја презема функцијата во законодавниот дом.

Дописот со одлуката за избор на новиот собраниски спикер потпишана од заменик генералниот секретар на Собранието, Неџбедин Ибраими и од пратениците Ферид Мухиќ и Горан Мисовски, до Службен весник беше испратена пред 5 дена.

Џафери беше избран за претседател на Парламентот вечерта на 27-ми април по затворањето на продолжението на Конститутивната седница. За изборот на Џафери гласаа пратениците од СДСМ и од албанските партии. За ВМРО-ДПМНЕ изборот е нелегитимен и со него се прекршени собранискиот деловник, законите и Уставот.

Иванов нема повеќе никакви изговори за да не ја исполни својата уставна обврска кон граѓаните на Република Македонија и дека не постојат повеќе никакви пречки мандатот за нова Влада веднаш да биде доделен, велат од СДСМ.

На 4-ти мај Талат Џафери со писмо го извести претседателот Ѓорге Иванов дека е формирано ново парламентарно мнозинство со што се создадени услови да биде доделен мандат за составување Влада. Шефот на државата, како што соопшти неговиот кабинет, ќе постапи согласно Уставот и воспоставената практика.

По изборот, Џафери најави дека следната собраниска седница ќе ја свика откако претседателот Иванов ќе го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

 

Милчо Велески