Путин: Нема сила која ќе го покори нашиот народ

09.05.2017 12:33

Со богати паради, Руската Федерација го одбележа Денот на победата над фашизмот. На најголемата парада организирана во Москва, учествуваа над 10.000 војници, и беа претставени стотици парчиња од оружје и воена техника. Денот на победата над фашизмот се одбележува и како Ден на Европа во спомен на историската декларација на Роберт Шуман.

На 72-годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија во Втората Светска војна, рускиот претседател Владимир Путин им оддаде почит на жртвите од војната чијшто фронт се прошири низ 61 држава. Во период од речиси 6 години, загинаа меѓу 55 и 60 милиони луѓе.

„На Советскиот Сојуз нацистите му го задале најголемиот удар, но нема да има таква сила која ќе го покори нашиот народ. Го свртевме крвавото тркало во спротивна насока и го уништивме нацизмот. Мирот го извојуваа нашите татковци, дедовци и прадедовци. Им порачувам дека никогаш нема да се срамат од нас. Ќе ја пренесеме вистината и на следните поколенија“, рече во својот говор претседателот на Русија, Владимир Путин.

На Црвениот плоштад продефилираа над 10 илјади војници, беа претставени стотици делови од различни типови на оружје и воена техника, а спектакуларен настап имаше и воениот ансамбл. Новитет во парадата беа проектилите кои се користат во војната на Арктикот каде што Русија создава нови бази, како и новото младинско движење „Јунармија“.

Денот на победата над фашизмот се одбележува и како Ден на Европа во спомен на историската декларација на Роберт Шуман во 1950 година. Тогашниот француски министер за надворешни работи и еден од иницијаторите на европската интеграција предложи нов облик на политичка соработка со цел да се оневозможи војување меѓу нациите.

Една година по предлогот, Франција, Сојузна Република Германија, Италија, Белгија, Луксембург и Холандија потпишаа договор во Париз за основање на Европската заедница за јаглен и челик.

Подоцна, со Римскиот договор од 1957 година, е создадена Европската економска заедница, а во Мастрихт во 1992 година беше формирана Унијата.

Маја С. Филдишев