Ден на Европа: Мора да се стави крај на кризата
Македонија минува низ историски моменти кои бараат вистински одлуки. Време е да излеземе од кризата, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Адеми на одбележувањето на Денот на Европа во Клубот на пратениците. Да се водиме од лекциите на историјата што се однесува и на идните членки на Унијата, рече евроамбасадорот Жбогар. Македонија да се врати на европскиот пат, оценува францускиот Амбасадор Тимоние.

„Земјава минува низ историски моменти и мора да се стави крај на кризата- ние како политичари имаме должност да го направиме тоа“- вицепремиерот Арбр Адеми од традиционланиот појадок на Денот на Европа.
„Потребно е што поскоро да се избере реформски ориентирана влада која веднаш треба да се соочи со многуте предизвици и да обезбеди институционални капацитети за реформскиот процес. Тоа не е лесно, но е остварливо. Република Македонија заедно со земјите од регионот и припаѓа на ЕУ и сите треба да работиме заедно кон оваа цел. Без оглед на тежината на предизвиците со кои се соочуваме за Македонија, ЕУ интеграциите се клучен стратешки приоритет и нема друга алтернатива“, нагласи Адеми.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека денес кога ЕУ одбележува 60-ти роденден исправена е пред низа предизвици, но и избори.
„ЕУ е избор за граѓаните на Европа, за земјите аспиранти и нивните граѓани. Живееме во време на промени и на предизвици. Секоја наша земја членка, секоја земја од Западен Балкан како идна членка како ЕУ и самата и граѓаните на Европа треба да решат како ќе се справат со овие промени и предизвици, при изборот треба да се водиме од лекциите од историјата“, рече Жбогар.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во изјава за медиумите истакна дека за ЕУ е важно Македонија да се врати на европскиот пат.
„Претстои многу работа, но можеме да видиме дека се уште постои ентузијазам. Тоа е многу важно бидејќи Македонија игра витална улога за стабилноста на Балканот. Интеграцијата на Балканот ќе биде потврда за успехот на ЕУ“, вели Тимоние.
На менито годинава омлет со печурки, салата и овошје. Освен амбасадорите, на настанот организиран од Секретаријатот за европски прашања, учествуваа и се гоштеваа поранешни вицепремиери за евроинтеграции.
Катерина Топалова
