Богата парада за Денот на победата над фашизмот
Традиционална парада на Црвениот плоштад за Денот на победата. Руската Федерација го одбележа Денот на победата над фашизмот. Во Москва учествуваа над десет илјади војници, и беше претставена воена опрема меѓу кои и новите ракетни системи наменети за дејствување на Арктикот. Во Европа се одбележува Денот на Европа во спомен на историската декларација на Роберт Шуман и договорот меѓу Германија и Франција со кој настапи целосно помирување на европскиот континент.

На 72-годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија во Втората светска војна, рускиот претседател Владимир Путин им оддаде почит на жртвите од војната чијшто фронт се прошири низ 61 држава. Во период од речиси 6 години, загинаа меѓу 55 и 60 милиони луѓе.
„На Советскиот Сојуз нацистите му го задале најголемиот удар, но нема да има сила која ќе го покори нашиот народ. Го свртевме крвавото тркало во спротивна насока и го уништивме нацизмот. Мирот го извојуваа нашите татковци, дедовци и прадедовци. Им порачувам дека никогаш нема да се срамат од нас. Ќе ја пренесеме вистината и на следните поколенија“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
На Црвениот плоштад продефилираа над 10 илјади војници, беа претставени стотици делови од различни типови на оружје и на воена техника, а спектакуларен настап имаше и воениот ансамбл. Новитет во парадата беа проектилите кои се користат во војната на Арктикот каде што Русија создава нови бази, како и новото младинско движење „Јунармија“.
На истиот датум, Брисел го одбележа и Денот на Европа во спомен на историската декларација на Роберт Шуман во 1950 година.
Тогашниот француски министер за надворешни работи и еден од иницијаторите на европската интеграција предложи нов облик на политичка соработка за да се оневозможи војување меѓу нациите.
Една година по предлогот, Франција, Сојузна Република Германија, Италија, Белгија, Луксембург и Холандија потпишаа договор во Париз за основање на Европската заедница за јаглен и челик.
Подоцна, со Римскиот договор од 1957 година, е создадена Европската економска заедница, а во Мастрихт во 1992 година беше формирана Унијата.
Во изминатите неколку децении, блокот се соочуваше со големи предизвици. Денеска се бори со мигрантска криза, последиците од британскиот Брегзит и тероризмот.
„Нашите пријатели гледаат кон ЕУ како сигурна суперсила која ги одржува мирот и развојот на човештвото. Ова не значи дека сме совршени, далеку од тоа. На Унијата и е потребна промена. А промените се возможни и веќе се случуваат“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини.
Могерини порача дека иднината зависи од вредностите и партнерставта кои ги гради секој поединец во семејството и повика на обединетост во соочувањето со предизвиците.
Маја С. Филдишев
