Орден за заслуги за Македонија за Македонската опера и балет

09.05.2017 15:06

Претседателот Ѓорге Иванов ја одликуваше Македонската опера и балет со Орден за заслуги за Македонија. Чест ми е што на Денот на победата над фашизмот и на Денот на Европа ја доделувам оваа награда на институцијата што ја промовираше нашата култура во светот, рече шефот на државата.

70 години „Македонската опера и балет“ се наоѓа на светската мапа, успешно презентирајќи и промовирајќи го и македонското и светското творештво. Од скромните почетоци до престижна оперска куќа со величенствени уметници и завидни достигнувања. Темелите, во далечната 1947 година поставени со „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи.

„За „само“ 70 години нашата куќа успеа да постигне завидни уметнички резултати во афирмацијата на оперската уметност, при тоа во услови без традиција, благодарение на огромниот ентузијазам и пожртвуваност на неколку чинители пред се на основоположниците на македонската опера, како и на плејада подоцнежни творци, уметници, изведувачи и организатори кои треба да бидат запишани со златни букви во македонската културна историја“, рече Игор Дурловски, директор на Македонската опера и балет.   

Шефот на државата вели дека во изборот на првата претстава пред седум децении имало симболика, затоа што младиот дебитант Пјетро Маскали, иако бил одвраќан од намерата имал верба, не се откажал да конкурира со својата опера и убедливо победил.

„Неопходна е самодоверба. Во животот ќе има многумина кои ќе не обесхрабруваат. Доколку критичарите го имаат последниот збор, денеска никој од нас немаше да знае за Маскањи и за Квалерија Рустикана. Но, еден чекор на верба промени сѐ. Токму таков чекор на верба направија и уметниците кои пред 70 години ги поставија темелите на Македонската опера и балет“, изјави претседателот Иванов.

Во изминатите седум децении, на сцената на Македонската опера и балет се поставени 500 премиери, кои биле видени од пет милиони посетители. Ансамблите, диригентите и солистите на МОБ гостувале на повеќе сцени во светот, а фестивалот Мајски оперски вечери го посетуваат врвни уметници.     

 

Андријана Атанасовска