Санација и реорганизација наместо стечајни постапки
Наместо стечај и ликвидација, фирмите да се реорганизираат и да се изврши нивна санација- советуваат експертите. Им порачуваат на стечајните управници да стекнат поголемо практично искуство за изработка на бизнис план и подобро дејствување.

Наместо стечајна постапка и ликвидација, компаниите да се реорганизираат, да се изврши нивна санација за да продолжат со работа- советуваат експертите. По европски терк преку обуки, стечајните управници да стекнат поголемо искуство во изработка на квалитетен бизнис план за да се спречи затворање на фирмите и отпуштање на вработени.
„Раното предупредување, санацијата, реструктуирањето треба да претставуваат можности за превентивно дејствување и спас од инсолветноста на трговските друштва. Наместо стигматизирање на стечајот, од нас се очекува создавање легислатива чиј резултат ќе биде подобрување на државното опкружување, зачувување на работните места и паралелно побрзо излегување од пазарот на оние кои со своето дејствување доведуваат во опасност и неликвидност бројни други компании“, вели Дритон Кучи, министер за економија.
Евидентирани се 1.800 отворени стечајни постапки, 1.000 резултат на бришењето на трговските друштва од регистарот на деловни субјекти. Санацијата и моделите за нивна реализација- предизвик за 60 лиценцирани стечајни управници. Познавачите оценуваат, потребни им се активни обуки за да соберат за практчно искуство како да изработа ефикасен план за реогранизација.
„Судиите и стечајните управници треба подобро да ја совладаат материјата за стечајната постапка посебно околу планот за реорганизацијата што е нешто посебно. За планот за реорганизација одлучуваат доверителите, а не стечајните судии. Стечајниот судија не мора дури ни да го стопира процесот за да нема одолговлекување, а стечајниот управник треба да биде добро подготвен за да се заврши постапката“, смета Красим Димитров, експерт.
Реорганизацијата на компаниите е најкомплескниот дел до стечајната постапка- оценуваат стечајните управници.
„Планот за реорганизација е најсложениот дел од стечајната постапка. Тоа е комбинацијата- како да се усогласат правните одредби со економската состојба. Додека правото е децидно, без можности за какви било отстапувања, економските проблеми имаат многу повеќе решенија и секое од нив може да биде најблиску до врвот“, тврди Драги Момировски, заменик претседател во Комората на стечајни управници.
Преку 200 илјади фирми од ЕУ годишно одат во стечај, без работни позиции остануваат над милион и седумстотини луѓе. Санацијата има значително влијание во намалување на оваа бројка. Од Министерството за економија најавија ново законско решение, формирање и на Сектор за стечај.
Сузана Фиданска- Стоевска
