„Ван Хол“ бара уште домашни добавувачи

09.05.2017 15:43

Вработени во Гугл, Мајкрософт и Фејсбук одат на работа со автобуси произведени во земјава. „Ван Хол“ најмногу извезува на американскиот пазар. Од јуни ќе освојува нов- австралискиот...

Расте бројот на домашни компании кои испорачуваат делови, материјали и компоненти за синџирите за снабдување на странски компании кои работат во и надвор од слободните економски зони. На тој начин расте додадената вредност во крајниот производ што се извезува на глобалниот пазар. 10 насто од годишниот обрт или 13 милиони евра на фабриката за автобуси на „Ван Хол“ во Бунарџик е со македонски компании, но инвеститорот очекува тој износ да се зголемува, затоа што на тој начин добива поконкурентен краен производ.

„Од вкупно 50-тина македонски компании кои се со капацитет или произведуваат различни делови или материјали или пак да понудат услуги кои се потребни во директното производство на автомобилската индустрија засега се уште недоволен број од нив тоа и го оствариле. Странските производители на процесот на локализација на домашните добавувачи посветуваат големо внимание, а се со цел да се оптимизираат како трошоците, така и времето за достава. Локалните добавувачи се пофлексибилни, можат побрзо да се приспособат на барањата на странските партнери и да ја искористат близината и намалените транспортни трошоци и да бидат поконкурентни“, изјави Аврам Стојчевски, претседател на Групација на производители на автоделови.

„Ван Хол“ сега ангажира 870 работници кои земаат нето просечна плата од 590 евра. До крајот на годината нивниот број ќе достигне 1.000, а за две години 1.400. Бројот на производствени линии од септември ќе се зголеми двојно и годишно ќе се прозведуваат до 1.000 автобуси. Во јуни ќе биде испорачан и првиот македонски автобус приспособен за австралискиот пазар, а лани почна соработката со увозник од Нов Зеланд.

Лани во погоните на „Ван Хол“ во Бунарџик биле произведени 570 автобуси. Од нив 80% биле испорачани за американскиот пазар, а 20% на европскиот.

Со поддршка на Светска банка и ИФЦ се реализира програма за соработка на малите и средни фирми и странските фабрики лоцирани во и надвор од слободните зони. Ќе се подобрат конкурентноста, капацитетот и квалитетот на производството, за да одговорат на строгите барања на странските компании.

„Програмата дефинира координирана поддршка на локални мали и средни фирми за зголемување на нивната конкурентност и капацитет за поефикасно интегрирање во глобалните и регионалните синџири на снабдување на големите странски компании и корпорации лоцирани во и надвор од слободните економски зони“, вели Стојчевски.

Набрзо, по завршувањето на фабриката во Желино и седиштата што ќе се вградуваат во автобусите ќе бидат со ознака „made in Macedonia“. Со македонски автобуси се возат и вработените на глобалните брендови како што се: Гугл, Мајкрософт и Фејсбук, фудбалерите на Манчестер Јунајтед како и поп дивата Мадона.

 

Свето Николовски