Најмалку четворица исчезнати во поплави во Канада

09.05.2017 15:50

Полицијата во провинцијата Квебек, на истокот од земјата, уште од петокот трага по маж и дете кои биле во автомобил што надојдените води го одвлекле во реката која ги предизвикала поплавите.

Најмалку четири лица се водат како исчезнати, по катастрофалните поплави што зафатија делови од Канада. Полицијата во провинцијата Квебек, на истокот од земјата, уште од петокот трага по маж и дете кои биле во автомобил што надојдените води го одвлекле во реката која ги предизвикала поплавите.

Во провинцијата Британска Колумбија, пак, властите три дена трагаат по две машки лица, од кои едниот е раководител на противпожарна служба.

Освен Квебек и Британска Колумбија, со поплави се зафатени и провинциите Онтарио и Њу Брунсвик, како и регионот на главниот град Отава.

„Ситуацијата е сериозна. Луѓето треба да знаат дека владата прави се што е потребно за да се погрижи канаѓаните да бидат безбедни“, изјави Ралф Гудал, министер за јавна безбедност на Отава.

Најпогоден е Квебек, откако оваа пролет беше зафатен со обилни врнежи од снег помешан со дожд, што го зголеми нивото на реките. Во провинцијата се поплавени 146 општини, 2.500 домови, како и над 400 патишта кои се забранети за сообраќај. Нивото на водата во некои делови достигнува и до еден метар, а досега се евкуирани над 1.500 лица.

„Бес, чувствувам бес за градоначалникот. Нема почит за нашите граѓани“.

„Не ги добивме вреќите со песок што ги побаравме уште пред една недела“- велат жителите.

Жителите на овие реони користат чамци за префрлање од еден во друг дел, а училиштата се затворени во голем број општини. Повеќе од 1.700 војници на канадската армија се вклучија во помагањето на населението, заедно со специјалните спасувачки екипи. 

Марина Автовска