Музичкиот виртуоз Зоран Маџиров замина во легендите

09.05.2017 16:27

Струмичиот музички виртуоз и перкусионист, Зоран Маџиров замина во легендите. Почина на 49- годишна возраст, откако по сообраќајката на 7-ми октомври беше во кома на Карил во Скопје. Маџиров својата слава ја стекна со униканиот начин на свирење на шишиња, па на светската јавност и беше познат како „Ботлмен“.

Замина Зоран Маџиров, човекот кој свиреше на шишиња, на светскатајавност познат како „Ботлмен“. На 49-годишна возраст ја изгуби битката по седум месеци поминати во кома.

Лани, во октомври беше тешко повреден во сообраќајна несреќа на патот Штип- Радовиш, откако со својот автомобил се судрил со камион. По несреќата беше згрижен во Клиничкиот центар во Скопје.

Зоран Маџиров е роден во Струмица. Пораснал во музичко семејство и првото знаење за џез го добил од својот татко. Учел пијано, труби и удирачки инструменти. Студирал во Германија.

Го револуционаризирал концептот на соло- перкусионист, свирејќи ги делата на класични композитори, од калибарот на Игор Стравински и на Моцарт. На Скопскиот фестивал пред 17 години, ја воодушевил домашната публика со своето виртуозно свирење на шишиња, чаши.

Првиот домашен компакт диск „Home“ го објави кон крајот на 2000 година за музичката и касетна продукција при Mакедонската Радио Телевизија.

Македонскиот музичар Mаџиров свирел со светски познати уметници. Добитник е на бројни награди. Одликуван е со орден за високи заслуги во Германија. Медалот му е доделен за посебни истакнувања во полето на музиката како оригинален музичар и за неговото неуморно ширење на музичката култура низ цел свет во последните 25 години.

Со своето семејство живееше во Загреб, Хрватска. 

Наташа Јанчиќ